Во Македонија не постојат психолошки советувалишта каде студентите би можеле да се обратат за разговор и разрешување на своите интимни проблеми, освен во класичните психијатриски установи и приватна пракса.
Тргнувајќи од недостапноста на овие услуги, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ основа прво психолошко советувалиште за студенти во рамките на Универзитетскиот центар за кариера, доживотно учење и алумни КРЕДО, кое е бесплатно за нашите студенти.
Основната цел на советувалиштето е унапредување на менталното здравје на студентите преку развивање на здрави животни стилови, негување на отпорност, како и помагање во разрешување на актуелните и развојни проблеми.
Прилагодувањето на новата средина, недоволно развиени стратегии на учење и неуспехот во студирањето, психички потешкотии (анксиозност, депресивно расположение, ниско самопочитување) како и тешкотии кои потекнуваат од социјалната средина (конфликти со родителите, учење на партнерски односи итн.) се теми за кои младите луѓе сакаат да разговараат и да добијат стручна психолошка помош.
Во таа смисла, целта на психолошкото советувалиште е на студентите да им пружа помош во совладување на тешкотиите за снаоѓање во средината во која живеат/делуваат –семејството, факултетот и општеството воопшто, како и во успешното остварување на емоционалните и социјалните односи и сопствената индивидуалност и самостојност.
Работата во советувалиштето пред се е наменета за студентска, здрава популација и истовремено е насочена на рушење на предрасудите во врска со барање на психолошка помош.
Предноста на студентското советувалиште е што се наоѓа на самиот факултет/универзитет, каде што студентите секојдневно престојуваат, не се потребни никакви предуслови, услугите се бесплатни а тајноста на разговорите е загарантирана.
Активностите на Советувалиштето за студенти се одвиваат преку следните услуги:
- Индивидуално психолошко советување;
- Групно психолошко советување;
- Психоедукативни работилници и предавања;
- Работилници за развој на животни вештини;
- Развој на едукативни материјали и материјали за самопомош;
- Научно – истражувачка работа
Имате можност со стручна помош да научите:
- Подобро да се справувате со стресот;
- Да работите на своите емоции;
- Да ја зголемите својата самодоверба;
- Да ги подобрите своите односи со другите, вклучително и партнерските односи;
- Да станете психолошки отпорни во тешките животни околности;
- Да се ослободите од загриженоста;
- Да научите да се релаксирате;
- Да постигнете поголема среќа и задоволство во животот.
Студентите електронски може да се пријавуваат и закажат термин за разговор како и за учество во групно психолошко советување и психо-едукативни работилници на одредени теми.