International Conference “Empowering Communities: The Role of Evidence in Mental Health Interventions”
Интерактивно предавање „Стресот кај младите и соочување со стресот“
Во рамките на проектот Поддршка на менталното здравје кај младите во време на КОВИД-19 пандемија и пост-ковид состојба „Не постои здравје без ментално здравје“ подржан од Град Скопје, на 02.11.2023 се одржа интерактивно предавање под наслов „Стресот кај младите и соочување со стресот“ на Факултет за безбедност-Скопје, во соработка со Американ колеџ- Скопје, а во организација на Психолошко советувалиште УКЛО и Психолошкото советувалиште при Американ колеџ-Скопје. Предавачите беа проф. д-р Драгана Батиќ, вон.проф. д-р Димитринка Јорданова-Пешевска, од Американ колеџ-Скопје и проф. д-р Јонче Ивановски, продекан за настава на Факултет за безбедност, а присуствуваше и преставничката од Градот Скопје, д-р Весна Дамчевска-Илиевска, психолог, раководител на социјална, детска и здравствена заштита, како и дваесетина студенти на психологија од Американ колеџ-Скопје.
Освен за карактеристиките, видовите и причините за стресот, се зборуваше за важноста на превенцијата и стекнување на отпорност, преку практикување на здрави животни стилови како што е занимавање со спорт, јога, релаксација и други практики кои придонесуваат за подобар квалитет на животот кај младите.
Студентите покажаа голем интерес и активно се вклучија во дискусијата за то како да го намалат стресот, постои ли „добар стрес“, како да се живее со него, дали секогаш сме свесни дека се наоѓаме под стрес и за многу други прашања кои се однесуваа на тоа како подобро да се грижат за себе и своето своето ментално здравје, особено кога се соочуваат со стресот.
На крајот сите заедно направивме едноставни вежби, како илустрација за тоа дека физичката активност делува благотворно врз намалување на стресот.
Бесплатна и анонимна психолошка помош за студентите – Како функционира Психолошкото советувалиште при Универзитетот „Климент Охридски“
извор: skopjeinfo
Почнувајќи од академската 2018/2019 година при Универзитетот „Климент Охридски“ функционира Психолошко советувалиште за студентите.
Истото веќе пет години работи на две единици на универзитетот и тоа: Факултет за безбедност – Скопје под раководство на професорката Д-р Драгана Батиќ (психолог) и Високата Медицинска Школа – Битола под раководство на професорката Д-р Гордана Ристевска Димитровска (психијатар).
Основна цел на ова советувалиште е да им пружи помош на студентите во совладувањето на тешкотиите со кои се соочуваат во текот на студиите, а годините потврдија дека идејата за основање на истото беше вредна и нужно потребна кај студентите, велат одговорните од Психолошкото советувалиште.
Во интервју за Скопје Инфо разговараме со координаторката Христина Митаноска, студентка на Факултет за безбедност-Скопје, за нивната идеја, за она со што се соочуваат најчесто студентите во однос на „менталната хигиена“, како и како да се справат со животните предизвици. Одговорите се во координација со професорките Батиќ и Ристевска Димитровска.
Која е идејата за функционирање на ова Психолошко советувалиште?
Примарен фокус на советувалиштето беа и останаа студентите. Основната идеја за функционирањето на советувалиштето е пружање на помош и поддршка во процесите на студирање како и во нивниот приватен живот. Тоа потесно подразбира потешкотии за снаоѓање во средината во која што живеат или делуваат, потешкотии со семејството и пријателите, потешкотии во градењето и совладувањето на факултетските обврски и општествените предизвици, но секако и успешно остварување на емоционалните и социјалните односи, сопствената индивидуалност и самостојност.
Денес, функционираме на едно повисоко ниво и тие цели на функционирање добиваат еден поширок спектар, со тоа што, активно работиме на социјалните мрежи преку објавување на текстови, статии и постови од значење за менталното здравје, како и со психо-едукативни работилници од отворен тип.
Каков е интересот на студентите? Уште ли е табу тема менталното здравје? Има ли опција за анонимност?
Психолошкото советувалиште УКЛО не располага со статистички податоци од тој тип, што го припишуваме на високото ниво на анонимност и затворен мал круг на луѓе кои работат во советувалиштето, конкретно кога се работи за индивидуални советувања. Меѓутоа, можеме да споделиме дека од основањето до ден денес, секој семестар се организираат групни советувања кои се составени од групи од десетина студенти и во двата семестри. Оттука, на Факултет за безбедност – Скопје работата се одвива преку одржување на психо-едукативни работилници (групни советувања) во траење од час и половина во која просечно, на секоја работилница присуствуваат по 10-15 студенти.
Како поминуваат годините и доаѓаат нови генерации се повеќе се намалува табу во однос на менталното здравје. Па така, сведоци сме на желбата на младите сѐ повеќе да се зборува за психолошките проблеми и предизвици со кои тие се соочуваат, како и желбата за меѓусебна помош и поддршка. Во текот на овие години, се повеќе млади бараат психолошка поддршка кога им е потребна, иако сме свесни дека се работи за процес.
Кога се работи за анонимноста на студентот, слободно можеме да кажеме дека тоа е еден од нашите основни принципи на работа. Секој студент при неговиот избор да побара психолошка помош избира помеѓу индивидуално или групно советување, со што тој ја има целосната контрола на анонимноста на неговиот проблем.
Барањата за индивидални советувања ги дистрибурира администраторот, кој што постапува со висока професионалност и заштита на лични податоци на студентот, а барањето се доставува до изборот на студентот (психолог или психијатар).
Додека пак, на групните советувања помеѓу првите разговори водени со студентите е и оној на кој што на студентите им се потенцира дека разговорите во советувалиштето остануваат во советувалиштето. Мора да се има во предвид дека студентите чувствуваат емпатија и блискост со групата, па од нивен интерес е да ја одржуваат таа блискост како и самите би можеле да се опуштат и разговараат.
Дали може да направете пресек – кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат денеска младите?
За жал, постојат голем број на проблеми со кои младите се соочуваат денес. Најчести проблеми во врска со кои се обраќаат студентите на советувалиштето: љубовни и партнерски односи, токсични врски, односи со родителите, анксиозност, депресија, генерални проблеми со расположението и емоциите, меѓучовечки односи, труами, општествени и социјалнини притисоци.
Од друга страна пак, денес, располагаме со интересни податоци во однос на менталното здравје и младите. Истражувањето кое се спроведе во рамките на Психолошкото советувалиште УКЛО, за време на ковид пандемијата, направено врз студентска популација покажува дека 1/3 од студентите имаат значајна анксиозност и изразена депресивност, а дури 1/3 од студентите имаат ниска резилиентност.
Во оваа смисла, би истакнале и дека секој втор студент покажа знаци на трауматизација и алармантен пораст на суицидалната идеација, каде што, еден од пет студенти имал идеја за суицид, околу 6% од студентите речиси секој ден помислуваат на смрт или самоповредување (Ристевска-Димитровска, Батиќ, 2020).
Кој е вашиот совет до младите? Како да се грижат за своето ментално здравје?
Најдобрата инвестиција секоја млада личност е да инвестиција во себе си и своето ментално здравје. Ако тие се добро ќе можат со леснотија да се справуваат со сите животни предизвици и препреки кои ќе ги среќаваат во животот. Грижата за ментално здравје подразбира да бидеме свесни за себеси, за своето тело, емоции, за тоа што навистина сакаме. Многу е важно младите да се поддржат да ги следат своите потреби и цели и да останат верни на себеси и покрај тешкотиите кои општеството реално ги поставува пред нив.
Прифаќањето на здрави животни стилови како што се редовно вежбање, здрава исхрана, медитација, релаксација се одлична основа за унапредување на менталното здравје. Кога чувствуваат дека не можат сами да решат некој проблем, треба слободно да побараат помош.
Способноста да видиме дека помош ни е потребна е една од карактеристиките на доброто ментално здравје. Во таа смисла, не треба да чекаат. Треба да се обратат до психолозите и психијатрите, кои нудат психотерапија која ќе им помогне полесно да се справат со некој свој проблем. На тој начин ги превенираат понатамошните посериозни проблеми.
Во нашето советувалиште ги сензибилизираме студентите отворено да разговараат за сите проблеми, меѓу кои е и дестигматизација на менталното нарушување. Младите не треба да бидат оставени сами во тој процес. Ние возрасните, а пред се институциите мора повеќе да вложуваме во превенција на менталното здравје: општините да организираат креативни катчиња каде младите би поминувале повеќе време, отварање на советувалишта при општините, факултетите, студентските домови, домови за млади, каде младите гравитираат се едни од начините.
Превентивните активности мора да се организираат уште од градинка, преку основно и средно училиште, па се до универзитетите. На сите овие нивоа мора да се учи за менталното здравје, како да го чуваме и унапредуваме, а се тоа ќе превенира сериозни ментални нарушувања, болести на зависности, насилство, лоши партнерски врски. Култивирањето на овој аспект од нашиот живот е нешто најважно, бидејќи од тоа ќе зависи колку сме среќни и колку исполнето го живееме својот живот.
Проф. д-р Драгана Батиќ: Луѓето не гледаат телевизија, бидејќи не нуди позитивни и поучни содржини
Намалување на стигматизацијата за ментална хигиена кај младите
На ден 07. 03, 2023., вторник, во просториите на Факултет за безбедност,– Скопје , во големиот амфитеатар се одржа работилница под наслов ,,Намалување на стигматизацијата за ментална хигиена кај младите”. Работилницата беше раководена од студентите од четврта година С. Пешевски, М. Величкова, С. Мановска, Х. Митаноска, кои што под раководство на проф. Д-р Драгана Батиќ дискутираа со студентите од прва година за важноста на менталното здравје и менталната хигиена.
Целта на оваа работилница беше студентите да се опуштат да разговараат на вака значајни теми, како и, да се намали меѓусебното стигматизирање во однос на менталното здравје. Имајќи ги во предвид реакциите и целокупната атмосфера, целта беше потополно исполнета.
“I think it’s really important to take the stigma away from mental health… My brain and my heart are really important to me. I don’t know why I wouldn’t seek help to have those things be as healthy as my teeth.” – Karry Washington
Влијанието на Социјалните мрежи врз менталното здравје
Денес, Вторник 28.02.2023 година во просториите на СИЦ се одржа групно советување и дискусија на темата ,,Влијанието на Социјалните мрежи врз менталното здравје” под раководство на проф. Д-р Гордана Р. Димитровска.
Голема благодарност до сите студенти кои земаа учество и работат на вака значајни теми.
Од суицидни мисли до љубовни проблеми, психолошкото советувалиште при УКЛО пет години им помага на студентите извор: факултети.мк
Една третина од студентите имале изразена анксиозност и депресија и исто толкав број ниска психолошка отпорност за време на пандемијата на ковид-19, покажа истражувањето спроведено во рамките на Психолошко советувалиште на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, кое е прво од ваков тип во земјава.
Оттаму соопштуваат дека уште позагрижувачки се податоците до кои дошле во тоа време – дека секој втор студент од опфатениот примерок покажувал знаци на трауматизација. Воедно, алармантен бил порастот на суицидни мисли кај студентите, кои се јавувале кај еден од петмина. Околу 6 проценти од студентите речиси секој ден помислувале на смрт или на самоповредување (истражување Ристевска-Димитровска, Батиќ, 2020).
Превентивна работа за да се спречат проблеми со менталното здравје
Психолошкото советувалиште при УКЛО, заклучно со оваа година, слави пет години постоење, што само по себе е потврда за неговата неопходност и успешност при работата. Се спроведува на Факултет за безбедност во Скопје и Високата медицинска школа во Битола. На двете институции има професори од полето на психологијата и психијатријата.
Советувалиштето првпат почна со работа во академската 2018/2019 година со цел да им дава помош на студентите во совладување на тешкотиите за снаоѓање во средината во која живеат и дејствуваат, тешкотии во семејството, факултетот и општеството, но и во успешното остварување на емоционалните и социјалните односи, сопствената индивидуалност и самостојност.
– Најчестите проблеми за кои се обраќаат младите се љубовни, потоа односите со родителите, меѓучовечките односи, анксиозност, депресивно расположение. Она што ми остави впечаток при групните работилници е што студентите во некој период од својот живот доживеале траума на која не се работело, не посетиле психолог, психијатар. Некои од овие трауми влијаат врз нивниот живот сега. Ова само потврдува дека е мошне важно со младите да се работи превентивно за да се спречат понатамошни проблеми со менталното здравје – вели Христина Митаноска, студент на Факултетот за безбедност, уредник и администратор на официјалните страници на психолошкото советувалиште.
Експерти по психологија и психијатрија ги советуваат студентите
Од самиот почеток, студентите ги советуваат проф. д-р Драгана Батиќ при Факултетот за безбедност – Скопје и проф. д-р Гордана Ристевска-Димитровска од Високата медицинска школа во Битола. Професорката Батиќ е доктор по психолошки науки, се занимава со клиничка, криминалистичка и психологија на стресот. Автор е на четири книги и над 50 научни и стручни трудови. Има посебна лиценца за вршење психотерапија. Професорката Ристевска-Димитровска е доктор по клиничка медицина, а на Високата медицинска школа предава предмети од областа на психологијата, психијатријата, фармакологијата и сестринството. Има објавено над 30 стручни и научни трудови во списанија и презентирани на конференции.
– На Високата медицинска школа, проф. д-р Гордана Ристевска-Димитровска, која е психијатар, интервенира и во случаи на посериозни психички растројства, како што е: генерализирано-анксиозно, панично растројство, депресија, биполарно растројство и анорексија, нервоза со депресивност. Дополнително, студенти индивидуално имаат побарано и добиено советување за справување со анксиозност, за тешкотии во приспособувањето по малигна или тешка болест кај родителите, загуба на родител, раскинување на значајна врска – додава Митановска.
Советувањето се изведува со физичко присуство и онлајн, индивидуално и во групи. На Факултетот за безбедност работата се одвива преку одржување групни психо-едукативни работилници во траење од 1,5 час, на кои присуствуваат по 10-15 студенти. Се одржуваат по две работилници неделно со по две групи. На психо-едукативните работилници се разговара за темите кои се актуелни за младите: емоции и емоционални реакции, стрес и соочување со него, разрешување конфликти и асертивна комуникација, партнерски односи и превенција од партнерско насилство, развивање самопочит, животни стилови: оптимизам-песимизам, превенција на злоупотреба на психоактивни супстанции и друго.
Студенти волонтерски помагаат во советувалиштето
Студентите волонтираат во работата на советувалиштето, со преводи од странски јазици на содржини од областа на менталното здравје, како и со оформување и водење на фејсбук и инстаграм-страницата „Психолошко советувалиште – УКЛО“. Во изминатиот период бројот на следбеници на фејсбук-страницата се зголеми за 68% по месец, а просечно има околу 2.300 луѓе. Оваа активност придонесува за сензибилизирање на темите на заштитата на менталното здравје.
Во државава сѐ уште не постојат психолошки советувалишта за млади, освен во класичните психијатриски установи и во приватната психолошка практика. Студентите велат дека и едното и другото не е погодно за проблемите на младите, кои најчесто се развојни и главно не бараат специфична психијатриска поддршка, а во приватните психолошки советувалишта услугата се наплаќа. На младите, како ранлива категорија на граѓани, неопходно им е бесплатно психолошко советување. Во последно време имаат и голем број студенти од другите универзитети кои дознале за работата на советувалиштето.
– Би сакале нашата идеја за подигнување на свесноста за важноста на менталното здравје да допре до што е можно поголем број млади, како и генерално кон целата наша популација. Во таа насока, преку неделните постови што ги објавуваме на страницата на советувалиштето целиме кон омасовување и промовирање на идеите за ментална хигиена. Идеално би било кога нашата идеја би се проширила на нивото на целиот универзитет, но и на другите универзитети. Моментално интензивно работиме на тоа психолози, кои се на едукација за психотерапија, под супервизија на професорките да одржуваат советувања за нашите студенти на сите единици на универзитетот (Прилеп, Битола, Охрид, Кичево). Тоа би било револуционерно имајќи го предвид фактот што денес професорките имаат полни раце работа, а заинтересираноста станува сѐ поголема и поголема – велат од советувалиштето.
На 02.12.2022 година во рамките на ДЕНОВИ НА ПСИХОЛОГИЈА се 2022, национална платформа на Комората на психолози на РС Македонија за унапредување на Менталното Здравје, со овогодинешниот наслов „Да не го игнорираме слонот во собата – да зборуваме за табу теми“, на Факултет за безбедност-Скопје се одржа едукативно-искуствена работилница со студенти, под наслов „Љубов и насилство во аделесцентните партнерски врски“. Работилницата ја водеа психолозите проф. д-р Драгана Батиќ ,доц. д-р Димитринка Јорданова-Пешевска и вон. проф.д-р Кате Трајкова, како резултат на воспоствената соработка помеѓу студентските советувалишта на универзитетите на кои тие предаваат: Психолошко советувалиште УКЛО, Факултет за безбедност-Скопје и Психолошко советувалиште за студенти на Американ колеџ, Американ колеџ-Скопје.
Оваа тема отвори многу прашања кај студентите за квалитетот на љубовните врски кај младите, за природата на љубовта, за разликата помеѓу љубов и заљубеност. На работилницата студентите отворено споделуваа за своите ставови, вредности и искуства во љубовните врски, но и за контолирање и ограничување на слободата од страна на партнерот, за факторите кои придонесуваат за насилството во врските, за раскинувањата и како тие да се надминат. Студентите сметаат дека на оваа тема немаат каде да зборуваат освен меѓусебно, и дека системот на образование многу порано треба да понуди простор и можност за едукација за овие животно значајни прашања.
Почитувани студенти,
Со задоволство ве известуваме дека од 11.11.2022. започнуваме со серија на психо-едукативни работилници во организација на Психолошко советувалиште-УКЛО. Работилниците ќе се одржуваат еднаш на две недели, а ќе се зборува за теми кои се поврзани со менталното здравје на студентите. Првата работилница ќе се одржи онлине, преку платформата Google Meet, на 11.11. 2022 во 13. под водство на професорката д-р Драгана Батиќ, лиценциран психолог, психотерапевт.
Интерактивно предавање „Ментално здравје на младите-како до поголема благосостојба“
Во рамките на проектот Поддршка на менталното здравје кај младите во време КОВИД- 19 пандемија и пост-ковид состојба „Не постои здравје без ментално здравје“, подржан од Град Скопје, на 03.11.2022 одржано е интерактивно предавање под наслов „Ментално здравје на младите-како до поголема благосостојба“ на Факултет за безбедност-Скопје, во соработка со Американ Колеџ-Скопје, а во организација на Психолошко советувалиште УКЛО и Психолошкото советувалиште при Американ колеџ-Скопје.
👩 🏫 Предавачите беа : Проф. Д-р Драгана Батиќ и Проф Д-р Гордана Ристевска –Димитровска од Универзитетот „Свети Климент Охридски-Битола и Доц. Д-р Димитринка Јорданова- Пешевска од Американ колеџ-Скопје;
🗣Професорките, заедно со студентите отворија дебата за повеќе аспекти кои се однесуваат на менталното здравје на младите како што се: влијанието на пост- ковид периодот, влијанието на развојните промени во адолесценсијата, стигматизација на менталните нарушувања, улогата на психотерапија и медикаментозна терапија во намалување на состојбите на депресивност и анксиозност. Исто така се зборуваше за важноста на превенцијата и стекнување на резилијентност преку практикување на здрави животни стилови кои придонесуваат за подобар квалитет на животот кај младите.
👨 🎓👩 🎓Студентите покажаа голем интерес и активно се вклучија во дискусијата за то кога тие би побарале помош од психолог/психијатар, како да го зголемат капацитетот на разбирањето на себеси, како се справуваат со стигматизацијата која ја следи посетата на психолог и психијатар, како подобро да се грижат за своето ментално здравје.
👩 🎓 🏫Ова предавање, после повеќе вебинари одржани онлајн на темите поврзани со менталното здравје, претставува прво предавање со физичко присуство, а кое, и за студентите и за професорите претставуваше вистинско освежување и уживање.